Свлечиште длабоко 10 метри го “проголта“ патот Новаци - Маково, во близина на РЕК Битола
Огромно свлечиште целосно го " проголта" патниот правец Новаци - Маково во близина на депонијата Мегленци. Загрижени граѓани преку видеа раскажуваат за сериозноста на проблемот а и среќната околност што во моментот на активирање на свлечиштето немало возила и луѓе.
Пропаѓањето на коловозот е во должина од 100 метри и длабочина од десет метри. Патот е во прекин во двете насоки, но е направен и пуштен алтернативен пристап. Лизгањето на земјиштето се случило ноќта по полноќ, кога Државниот инспкеторат за патишта добил известување дека патот е во прекин.
Од Регионалниот Центар за управување со кризи од Битола, пак известуваат дека од РЕК „Битола“ добиле информација во која се наведува дека регионалниот пат - делница Битола-Новаци-Маково на влезот од депонијата Мегленци е во целосен прекин како последица од појава на свлечиште кое што било пријавено уште на 27 ноември годинава, и тогаш бил извршен увид од Градежниот факултет во Скопје.
Градоначалникот на Новаци информира дека на терен се ангажирани екипи на РЕК Битола и на Јавното претпријатие за одржување на патишта, кои работат на итна санација и стабилизација на теренот.
„ Веќе е при крај изградбата на пристапна земјена девијација во должина од 400–500 метри за движење, при што сообраќајот не е веќе во прекин и истиот се одвива отежнато. На терен е поставена соодветна привремена сообраќајна сигнализација. На сите учесници во сообраќајот им се препорачува крајна внимателност“, објави градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски.
Овој случајот повторно ја актуелизира загриженоста за состојбата на земјиштето и патната инфраструктура во Пелагонија.

