Светските демократии се уште се во пад, извештај на IDEA Интенешнал

Демократскиот систем е во фаза на распаѓање во речиси половина од државите во светот, се предупредува во годишниот извештај на IDEA во кој се посочува дека 2022 година беше шеста година на „демократска рецесија“ во светот.

„Ова е шеста година по ред кога повеќе демократии уназадуваат отколку што напредуваат“, изјави Мајкл Руни, коавтор на извештајот на ИДЕА Интернешнл, меѓународен институт за демократија и изборна помош.

Тој додава дека таквиот тренд е најдолгата „демократска рецесија“ што оваа организација ја забележала откако почнала да собира податоци за состојбата на демократијата во светот во 1975 година.

Институтот, кој ги следи повеќето земји во светот, при составувањето на извештајот користеше демократски индикатори како граѓанските слободи, независноста на судството и политичкото претставување.

Како што се наведува во извештајот, „темелите на демократијата се уриваат низ целиот свет“, а проблемите се движат од „изборни нерегуларности до ограничувања на правата“.

Од 173 анкетирани земји, 85 добија слаба оценка за барем „еден главен индикатор за демократски напредок во изминатите пет години“.

Извештајот предупредува на „значителен пад“ на стандардите поврзани со изборите и работата на парламентите, како и принципот на владеење на правото, а со тоа и независноста на судството.

„Гледаме и пад на историски успешните демократии во Европа, Северна Америка и Азија“, посочува Мајкл Руни.

Што се однесува до правата, авторите посочуваат дека имало ограничувања на слободата на говор и собирање, но тоа не било значајно на глобално ниво. Што се однесува до владеењето на правото, забележани се подобрувања „по години стагнација на нивото на борба со корупција“, се вели во извештајот.

„Гледаме знаци на надеж во одредени земји во светот“, како што се Централна Европа и африканскиот континент. „Но, целокупната слика е сепак многу лоша“, се заклучува во извештајот.