Светски магнати донираат милионски суми за Нотр Дам

Фондот за обнова на Нотр Дам достигна бројка од речиси една милијарда евра само два дена по големиот пожар што ја оштети париската катедрала. За реставрација на симболот на Париз, донираа француските мултинационални компании “L’Oreal”, Chanel, Dior, „Louis Vuitton”, како и американскиот технолошки гигант Apple. Градежни екипи рано утринава поставија голем кран и дрвена платформа во близина на катедралата, додека пожарникарите продолжуваат да ја проценуват штетата и да ја зајакнуваат структурата. Претседателот на Франција, Емануел Макрон во синоќешното телевизиско обраќање до нацијата, изјави дека катедралата ќе биде обновена во следните неколку години и ја повика француската нација да се обедини.

„Ние повторно ќе ја изградиме Нотр Дам, катедралата ќе биде уште поубава и јас сакам се да биде завршено во рок од пет години. Катастрофата треба да биде претворена во шанса за обединување и слога.“ - изјави Емануел Макрон – претседател на Франција.

Помош за обнова на 8 и пол вековната катедрала понудија голем број држави, меѓу кои и Германија. Канцеларка Ангела Меркел истакна дека Германија е целосно подготвена да учествува во реставрацијата на Нотр Дам.

„Не станува збор само за христијанството во Франција, Нотр Дам е заедничко европско наследство. Подготвени сме и тоа го договорив со министерот за култура, да учествуваме во неговата обнова. Министрите за култура ќе разговараат за тоа.“ - изјави Ангела Меркел – Канцелар на Германија

Инаку, по пожарот се зголеми продажбата на романот „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз од Виктор Иго. Приказната за ѕвонарот Квазимодо тогаш помогна за реновирање на оваа црква која е запишана во списокот на светското наследство на УНЕСКО и која секоја година ја посетуваат 14 милиони луѓе.