Светски ден на здравјето, здравството потфрла во превенцијата
Здравството потфрла во превенцијата – ревизијата на државниот завод откри сериозни недостатоци во системот.
Одвај пет проценти од жените се опфатени со скринингот на рак на дојка, додека кај ракот на грло на матка опфатот е од 10-15 проценти, што е далеку од европските препораки.
Истовремено долго се чека и за добивањето резултати – во просек 25 дена до два месеци се чекаат наодите од мамографските прегледи, а долго се чека и за реузлтатите од ПАП тестовите. Сето ова резултира со задоцнето откривање и лекување на болеста, утврдувиле ревизорите. Податоците од ревизорскиот извештај се однесуваат на периодот од 2021 до 2024 година, но според пациентските здруженија состојбата е идентична и сега.
„Сериозно потфрламе во овој поглед. Имаме направено некои чекори напред, но за да станува збор за скрининг програми треба да имаме капацитети да го опфатиме цело население. До овој момент немаме такви капацитети“, вели Ана Марјановиќ од Здружението „Хема-онко“.
Според лекарите паралелно со скринингот мора да се зголемува и опфатот на вакцинација.
„Тие треба да бидат синергични, затоа што треба така да се направи и со скринингот, таа жена која не отишла на преглед треба на некој начин да биде потсетена и законски со санитетска регулација опомената дека треба тоа да го направи“, изјави проф. д-р Горан Димитров од Македонското Лекарско Друштво.
Министерот за здравство е незадоволен од нивото на превенција. Најавува промени во методологијата на спроведувањето на скрининг програмите.
„Како човек јас не сум задоволен од скрининг програмата, ако ме прашувате како министер сметам дека треба нешто да се смени во целиот пристап и затоа ќе бараме од надлежните институции во Министерството за здравство да се промени таа методологија и освен скрининг програма да има следење и на постскрининг програмата“, изјави Азир Алиу – Министер за здравство.
Седми април е Светски ден на здравјето. Годинава се одбележува под мотото „Науката ја прави здравствената заштита подостапна“, но без силна превенција здравството ќе продолжи да лекува наместо да спречува болести.

