Светски ден на слободата на медиумите – „Престанете да ги шпионирате новинарите“
Foto

Светски ден на слободата на медиумите – „Престанете да ги шпионирате новинарите“

Престанете да ги шпионирате новинарите“ е мотото под кое денеска се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај.

Светскиот ден на слободата на медиумите ќе се одбележува на различен начин – во Франција е најавена специјална церемонија за новинарите „кои загинаа заради информација“ и на неа ќе присуствува генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), Ентони Беланџер, додека во Обединетото Кралство се организира едномесечна серија онлајн настани со говорници кои ги истражуваат глобалните закани за новинарството.

Во земјава, Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) организираат панел-дискусија посветена на безбедноста на новинарите и медиумските работници. На настанот кој, според најавата, ќе се одржи во Кабинетот на шефот на државата, ќе се обратат и претставници на неколку домашни медиумски организации.

Од вчера до 5 мај годинава, УНЕСКО и Република Уругвај ќе бидат домаќини на годишната Глобална конференција на Светскиот ден на слободата на медиумите што се одржува во хибриден формат. Конференцијата ќе се осврне на влијанието на дигиталната ера врз слободата на изразување, безбедноста на новинарите, пристапот до информации и приватноста. Од неа се очекува да произлезат конкретни препораки за справување со овие предизвици.

По повод Светскиот ден на слободата на медиумите генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја испрати пораката дека без слобода на печатот, нема вистински демократски општества, како и дека без слобода на печатот нема слобода.

Гутереш укажа дека „заканите на новинарите растат секој ден“.

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година и секогаш на 3 мај. Целта е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсети на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.

Светскиот ден на слободата на медиумите е вопоставен врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година. Како ден за одбележување е Годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.

На 3 Мај се доделува и годишната награда на УНЕСКО Гиљермо Кано за слобода на медиумите. Наградата која се доделува од 1997 година, му оддава почит на некое лице, организација или институција за придонес во одбраната и/или промовирање на слободата на медиумите, особено кога се прави во случај на голема опасност.

0 Коментари

Остави коментари