Светски ден на сиромаштијата: Како се живее во депонија во центарот на Скопје
Foto

Светски ден на сиромаштијата: Како се живее во депонија во центарот на Скопје

Велат сиромашните деца создаваат сиромашни генерации. Дел од најранливите можеби ќе најдат место во новите живеалишта, но голем дел од нив, заедно со нивните семејства, ќе треба да почекаат подобри времиња. До тогаш, ќе живеат како и досега, од ден за ден.

„Тука живееме четири фамилии со се деца.... Шетаме по канти пластика продаваме, со труд живееме, тоа е друго немаме.“

Среде центарот на скопската метропола, пред очите на јавноста мизеруваат тажни семејства. Под ведро небо и лето и зима, живеат како на вересија.

„Пред точно една година, Телевизија24 известуваше за овие семејства кои буквално живеат во депонија среде центарот на Скопје. И покрај ветувањата дека некој ќе ги ги посети и ќе им помогне, денес ги најдовме на истото место.“

Депонијата денеска е поголема, но бројот на членови на семејството покус. Петмесечната ќерка на Сузана била прегазена на паркингот под мостот среде центар на градот, каде се простира нивното картонско живеалиште.

„Цела зима цело лето сме тука, за парче лепче...Може ти си дошла тука така? Јас те познавам..е тогаш ми беше ќерката жива...ама ми почина... - вели Сузана Демир.

„Никој освен вас никој не дошол...(социајлни служби некој?) никој никој...Зимата еве тука кај ќе идеме, картони дрва тоа е...“ - вели Сенат Абдиовски.

Социјалните служби тврдат ги посетиле овие семејства, а единствена опција за сместување им е домот за бездомници во Чичино село. Но, често ранливите категории одбиваат да одат таму.

„Да опасно е се плашам, влегуваат внатре силуваат девојчиња..“ - вели Ѓулфида Арслани.

Нивната судбина, на свој начин, ја делат и скоро половина милион граѓани во земјава кои живеат под прагот на сиромаштијата. Министерката за труд и социјала вели статистиките се стари и тврди стапката на сиромаштија е намалена. Денеска промовираше и нов групен дом за деца од социјален ризик, кој вели ќе го зајакне системот на социјална заштита.

„На овој начин конечно добиваме повисоко ниво на квалитет во заштита на овој тип на дечиња, затоа што ако тука успееме да создадеме извлекување од ризикот во којшто овие деца се нашле, може да постигнеме многу на сите нивоа на системот на социјална заштита.“ - изјави Мила Царовска.

На светскиот ден за борба против сиромаштијата на глобално ниво се пребројуваат луѓето што живеат со еден оброк дневно. Но, ние не сме само бројка порачуваат дел од нив, ние сме секојдневни тажни судбини.

„Има деца што питаат, скитаат се дрогираат немаат парче леб..Сакаме во Европска Унија како?“ - вели Василев Стојчо – социјален случај.

0 Коментари

Остави коментари