Светската економија на колена, од денеска новите царински мерки на САД стапија на сила!
Царините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп стапуваат на сила – од денеска и Македонија е официјално на удар. Новата тарифа од 33 отсто за македонските производи што се извезуваат во САД е дел од т.н. реципрочни мерки, со кои Вашингтон пресметува давачки според трговскиот дефицит со секоја земја.
Иако извозот на македонски производи во Америка изнесува само 1% од вкупната трговија, Владата сериозно ја сфаќа мерката. Иако на почетокот тврдеше дека го очекувале ова, од Илинденска подготвуваат измени на Законот за царински стапки – со намера да се намалат или дури укинат тарифите за американски производи. Обид, како што велат, да се одоброволи Трамп да ја преиспита одлуката.
Но, додека Скопје се надева на дипломатска корекција – светот влегува во нова трговска реалност. Од ноќеска на сила се новите американски царини за повеќе од 60 земји. Најсилен удар добива Кина – со рекордни 104% царина на увозот во САД. Виетнам, Тајланд, Јапонија, па дури и Европската Унија – сите се на листата.
На Волстрит, индексите повторно паднаа. Паднаа и берзите во Азија и Европа – од Токио и Тајпеј, до Лондон, Париз и Франкфурт. Големите фирми веќе најавуваат поскапувања – од електроника до облека и храна.
Кина реагираше со нова рунда одмазднички царини – овојпат од 84%. Пекинг вели: „Нема да отстапиме“. Според кинеското МНР – ова не е трговска стратегија, туку уценувачко однесување.
Во Вашингтон, американскиот претседател не покажува знаци на повлекување. Трамп ги нарече овие мерки „ослободување“ за американската економија и изјави дека „земјите умираат да склучат договор“.
Европската Унија веќе подготвува одговор – со контрамерки од 25% за американски производи, меѓу кои мотоцикли, пилешко, овошје и дури конец за заби. Европската централна банка предупредува: ефектот ќе биде поголем од првичните проценки.
JPMorgan ја зголеми веројатноста за глобална рецесија на 60%, Според нив, ова е најголемото зголемување на даноци во САД во последниве 60 години. Потрошувачите ќе плаќаат и до 2.100 долари повеќе годишно.
Голдман Сакс, пак, проценува 45% шанса за рецесија во САД до крајот на годината. А професори од Бостон предупредуваат – ризикот од стагфлација, комбинација на инфлација и пад на економски раст – е речиси сигурен.
Македонија, иако мала, сега е дел од глобалната царинска мапа. Додека Вашингтон повлекува потези, а Пекинг и Брисел возвраќаат – светската економија сè повеќе личи на бојно поле.