Светска премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм

Првиот македонски долгометражен анимиран филм ќе има светска премиера на еден од најголемите фестивали за фантастика во светот

„Јон Вардар против галаксијата” - првиот долгометражен анимиран филм во историјата на Македонија, влезе во соѕвездието на најдобрите фантастични филмски остварувања на светот.

Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” ќе ја има својата светска премиера во Шпанија, на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал” - еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот, којшто могумина го нарекуваат „Кан за фантастични филмови“.

„Јон Вардар против Галаксијата” отвора ново поглавје во историјата на македонската кинематографија, а е селектиран во фамилијарната секција на фестивалот. Ќе има две прикажувања во ударни термини во петок и сабота, на 5 и 11 октомври.

„Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против Галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, објавија организаторите на фестивалот.