Светска банка прогнозира раст на БДП од 3,1% за земјава - возможен ли е?

Македонската економија годинава ќе испорача раст од 3,1 отсто, прогнозира Светска Банка. Во споредба со земјите од регионот очекувањата на оваа меѓународна финансиска институција се дека на крајот на 2025та земјава ќе испорача повисок раст на Бруто домашниот производ од Босна и Херцеговина каде очекувањата се таа да има раст од 2,6 отсто, и од Србија со раст на БДП од 2,8 отсто.

Но, за овие две држави од Западен балкан Светска Банка очекува подобрување на економијата во периодот што следи, а пак за македонската економија стагнација или благо назадување.

Со три отсто раст на БДП во 26та и 27ма, македонската економија ќе има најнизок раст од земјите во Западен Балкан. Годинава и за следните две години  прогнозите на банката се дека Косово ќе има највисок раст на БДП и тоа 3,8 за 2025та, и 26та и нешто подобро година потоа. 

Светска Банка

„Западен Балкан напредува во намалувањето на развојниот јаз во однос на напредните економии на Европската Унија, но растот сепак не е доволен за да се затвори овој јаз. За да му се помогне на регионот, важно е да се преформулираат стратегиите за работни места – како што се охрабрувањето на поголемо учество на пазарот на труд, подобрувањето на вештините на населението и растот на фирмите преку дигитални надградби.“

Од Светската банка велат се загрижени во однос на недостатокот на работна сила не само во Македонија, туку дека со овој проблем се соочуваат сите држави од Западен Балкан. 

Меѓународната финансиска институција забележува дека во регионот работоспособното население веќе е значително намалено и се проектира дека до 2050 година ќе се намали за скоро 20 проценти. Ако продолжат постојните трендови  во следните пет години во регионот  би можел да се соочи со недостиг на повеќе од 190.000 работници. На пазарот на труд во Македонија во моментов има 10 илјади слободни работни места, а во Агенцијата за вработување има регистрирано над 100 илјади невработени лица.