Светска банка: Имаме нулта толеранција за измама и корупција
Foto

Светска банка: Имаме нулта толеранција за измама и корупција

Проектот за итен одговор на состојбата со КОВИД-19 одобрен неодамна, ќе помогне во напорите да се заштитат граѓаните на Северна Македонија од пандемија, да се одговори на итните здравствени приоритети, а обезбеди и социјална помош за најранливите категории во земјата, соопшти денеска Светска банка.

Светска банка подвлекува дека ги следи тековните дискусии во медиумите поврзани со проектот.

-Посветивме големо внимание на интегритетот на проектниот дизајн и ja земаме сериозно предвид загриженоста околу проектот и неговата имплементација. Проектот ќе помогне на Република Северна Македонија во детекција, превенција и одговор на заканата од КОВИД-19 пандемијата и ќе го зајакне јавниот здравствен систем. Здравствената комопонента ќе го зајакне капацитетот на здравствениот систем преку идентификација и правилно управување со случаите поврзани со КОВИД – 19, вклучително и зајакнуање на капацитетот на Фондот за здравствено осигурување за покривање на зголемените трошоци од здравствени услуги. Компонентата за социјална заштита ќе обезбеди времена поддршка за приходите на оние поединци и домаќинства кои се економски погодени од мерките неопходни за спречување на ширење на вирусот, како одржување физичка дистанца и други рестрикции, стои во соопштението на Светска банка.

Светска банка дополнува и дека има нулта толеранција за измама и корупција и сериозно ја сфаќа обврската да гарантира дека средствата од нејзината Групација се користат за јасно дефинирани активности, како и дека стигнуваат до наменетите корисници.

-Упатствата поврзани со набавка на Светска банка ќе се применуваат за набавка на здравствени материјали, опрема и услуги. Паричните трансфери до домаќинствата се регулирани со јасни критериуми за подобност и имаат механизми за надзор и контрола. Договорите финансирани од Светска банка имаат клаузули што ни овозможуваат да извршиме увид во досиејата на добавувачите и понудувачите во случај на сомнеж за измама и корупција. Светската банка исто така ќе го контролира процесот на набавки, синџирот на снабдување и плаќањата, објаснува Банката.

Во сите проекти на Светска банка, како што пишува во соопштението, се спроведуваат проверки за да се помогне во справувањето со доверителските ризици.

-Обезбедуваме соодветни аранжмани за финансиско управување за секоја операција како дел од фазата на подготовка. Ќе продолжиме одблизу да ги следиме доверителските ризици и да применуваме соодветни мерки за време на спроведување на проектот. Мерките вклучуваат редовен преглед на доверителските аранжмани на проектот, преглед на трансакциите за набавки, периодични финансиски извештаи и надворешна ревизија на финансиските извештаи на проектот, наведува Светска банка.

0 Коментари

Остави коментари