Светска банка: Финансискиот систем во време на пандемијата ја продлабочува нееднаквоста во светот

Буџетските и фискалните политики влегоа во непозната територија на почетокот на пандемијата Ковид 19 и може дополнително да ја продлабочат нееднаквоста и сиромаштијата во светот, предупреди шефот на Светска банка Дејвид Малпас.

Во светот денес има 100 милиони повеќе луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија отколку пред пандемијата, и покрај тоа што владите трошат рекордни суми пари за да ги ублажат ефектите од ширењето на заразата, рече Малпас на тркалезната маса организирана од кинескиот премиер Ли Кечијанг.

– Развиените економии закрепнаа, додека во најсиромашните земји закрепнувањето е слабо или не постои, додаде шефот на Светска банка.

Резултатот е „трагична регресија“ на просечниот приход, улогата на жените во општеството и исхраната, рече тој, а ситуацијата дополнително се влоши со зголемената инфлација, тесните грла во снабдувањето и високите трошоци за енергија.

– Проблемот со нееднаквоста е делумно вкоренет во самиот финансиски систем и нееднаквата структура на стимулации, тврди Малпас, појаснувајќи дека проблемот е дополнително продлабочен со доминантната политика на издвојување на  државниот долг и фискалната и монетарната политика, пренесува Хина.

Во развиените економии, монетарната политика долго време се потпира на задолжителните резерви во комерцијалните банки и ограничениот раст на овие резерви за постигнување стабилност на валутата и цените, а Кина и денес користи таков систем, потсетува тој.

Централните банки на другите големи економии, од друга страна, се префрлија на „пост-монетарен систем“, користејќи големи вишоци банкарски резерви за купување и задржување на долгорочни обврзници и други средства, поддржувајќи ги цените на многу мали групи на средства.

Според него, таквиот пристап ги исклучува малите компании и земјите во развој и истовремено ја ограничува политиката преку регулирање на одредбите за ликвидност и за капитализација на банките.

Фискалната политика, исто така, ги насочува ресурсите кон тесна група субјекти во потрага по пари и ги запоставува другите, а нееднаквоста се продлабочува со политиките за издавање на државни долгови.

Затоа тој го повтори својот апел за повисок степен на транспарентност во договорите за долгови и на замрзнување на отплатата на долговите во земјите со неодржлив долг. Кредиторите треба да се откажат од колатералните аранжмани, порача челникот на Светска банка.

– Кина е еден од најголемите кредитори на земјите во развој и нејзиното активно учество и силен глас во напорите за намалување на долгот и како тие се потребни и ќе им помогне на сите учесници со охрабрување на одржливи инвестиции и долг, рече шефот на Светска банка.