Светска банка: 2,9% раст на БДП на македонската економија, ќе бидеме полоши од Косово, а подобри од Србија
Се прават пресметки за ребаланс на буџетот, дознава ТВ 24 од доверливи извори. Можно е Владата да ги ревидира проекциите за економски раст од 3,9 проценти и инфлација од околу 2,5 проценти, откако неколку меѓународни финансиски институции ги намалија очекувањата.
Последен е извештајот на Светска банка, кој за годинава предвидува раст од 2,9 проценти. Во меѓувреме, најголемо потфрлање во буџетот во првиот квартал има кај собирањето на ДДВ, каде реализацијата е околу 20 проценти. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ваквата состојба била вообичаена за почетокот на годината.
Владата внимателно ги следи економските движења и е во постојана комуникација со меѓународните финансиски институции, тврди министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Според неа, неизвесноста на глобалните пазари не дозволува прецизни предвидувања, па антикризни мерки ќе се носат зависно од состојбите.
Таа повторно спомена дека земјава е трета во Европа по обемот на антикризни мерки, но вели дека просторот за нови интервенции е ограничен. Во меѓувреме, одлуката ДДВ-то за дизелот да се врати од 10 на 18 проценти веќе предизвика критики кај дел од експертите, кои оценуваат дека тоа ќе има директен удар врз цените.
Економистите предупредуваат дека намалените прогнози за раст ќе значат и послаб економски импулс во наредниот период. Сепак, Владата уверува дека буџетот останува стабилен и дека засега нема простор за паника. Според проекциите, Македонија годинава би имала послаб раст од Албанија и Косово, но подобар од Србија и Босна и Херцеговина.

