Светот пред нова опасност, кинеските научници откриле нов вирус сличен на свинскиот грип

Кинеските научници откриле нов вирус сличен на свинскиот грип кој има потенцијал за пандемија.

Вирусот кој е пронајден кај работници во кланиците во Кина, може да се пренесе на луѓето, а неговиот главен носител се сметаат домашните свињи. Истражувачите велат дека вирусот ги покажува сите знаци на брзо прилагодување на луѓето и предупредуваат дека може да мутира и да доведе до нова епидемија.

Последната пандемија со која се соочи човештвото пред сегашниот бран на коронавирус беше свинскиот грип од 2009 година, што почна во Мексико.

А од Светската здравствена организација велат дека се уште е далеку крајот на епидемијата иако државите почнаа да ги олабавуваат рестриктивните мерки. 

„Сите сакаме да продолжиме со животот, но реалноста е дека ова што се случува во моментов не е ниту блиску до својот крај. Иако одредени држави имаат постигнато напредок, глобално, пандемијата се забрзува.“ - изјави Тедрос Адханом Гебрејесус - генералниот директор на Светска Здравствена Организација.

Американските сојузни држави Калифорнија и Тексас пријавија рекорден пораст на бројот на заразени лица во текот на претходниот ден, а влошување на епидемиолошката слика има и во Флорида, Аризона, Канзас и Њу Џерси, кои воведоа нови мерки во борбата против коронавирусот.

Во Калифорнија во текот на претходниот ден бројот на заразените со коронавирус се зголеми за нови 7000 лица а Лос Анџелес, кој е ново жариште на пандемијата, има над 100.000 заразени случаи од Ковид-19.

„Во последните три недели се примени повеќе лица кои имаат потешки симптоми отколку во претходните десет недели. Има експоненцијален раст на бројот на случаи и на сериозноста на самите случаи.“ - изјави д-р Џосеф Варон.

Австралуиските власти наредија карантин за десетина предградија на вториот најнаселен град во Австралија, Мелбурн, откако беа откриени нови 64 случаи. Државата досега успешно се справуваше со Ковид 19 и се регистрирани 7.700 случаи на заразени и 104 смртни случаи од Ковид-19.