Света литургија на плоштадот „Македонија“
Од литургијата која ја одржа на на Плоштадот Македонија Папата Франциск упати пораки за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето. Во неговите зборови можеа да се најдат и актуелни случувања и појави.
„Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг.“ - изјави папата Франциск, поглавар на римокатоличката црква.
Освен појавите ставени во строго религиски оквири, папата зборуваше и за современи појави како што се лажните вести или интернетот.
„Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата и завршивме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и презирот. Се заситивме од поврзување и го загубивме вкусот на братството. Баравме брз и сигурен резултат и еве се наоѓаме совладани од нетрпеливоста и нервозата. Како затвореници на виртуелноста, го загубивме вкусот и мирисот на реалноста.“ - изјави папата.
Говорот на папата меѓу останатите го слушаа претседателот Иванов, премиерот Заев, опозициските лидери Мицкоски и Села, но и поранешната премиерка на Хрватска Јадранка Косор. Скопскиот бискуп и епарх на новата Струмичката епархија монсињор Киро Стојанов, се заблагодари на посетата и најави дека ќе се подигне спомен обележје на апостол Павле во селото Паљурци.