Сведоштва за Ласкарци: По несреќата возачот седеше на нива преплашен и плачеше
Во солзи оштетените семејства денеска ги слушаа сведочењата на патниците од автобусот на Дурмо турср, за автобуската трагедија кај Ласкарци, во која загинаа 16 луѓе, а 37 беа потешко повредени.
Еден од повредените патници во судот изјави дека автобусот без да кочи удрил во заштитните огради и дека возачот неколкупати разговарал на телефон, но дека правилно го држел воланот цело време додека автобусот ги пробивал заштитните огради.
Сведокот Љуљзим Далипи рече дека возењето нормално се одвивало се до наплатната рампа кај село Глумово и дека не забележал ништо чудно во однесувањето на возачот. Сопатникот кој седел до него починал во несреќата, а сведокот поминал во болница 24 дена.
Тој најави дека за 12 скршени ребра, внатрешно крварење и два скршени пршлени во граѓанска парница ќе бара отштета. За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци обвинети се шест лица.