Сведоци за мито и спорни терапии, одбраната негира – продолжи судењето за Онкологија

По 500 евра за секоја доза од лекот е износот кој блиски на пациенти го давале како мито - продолжи судењето за случајот „Онкологија“. Денеска во Кривичниот суд Скопје беа сослушани повеќе оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија, а истите беа предложени од Обвинителството.

Имено, еден од сведоците рече дека имале проблем за обезбедување на терапијата и најпрвин оделе во Турција, но бидејќи било финансиски истоштувачко, потоа на Клиниката, каде, како што рече, морале да дадат мито од 500 евра за да ја добијат секоја доза од терапијата. Лекот, според сведокот, го добивале од фрижидер во канцеларијата на Васев и бил даван на медицинска сестра за да биде аплициран.

СВЕДОК: “ Немам документи, немам докази зошто не мислев дека ќе ми требаат. Ги исфрлив, но верувам ги има во досиејата.”

На прашање од одбраната на Васев, дали го пријавиле таквото однесување, сведокот рече дека не, бидејќи не знаел каде треба да пријави.

Друг сведок пак зборуваше за лекувањето на нејзината мајка од онкологот Симонида Црвенкова, за што не рече дека и биле барани, но дека давала средства бидејќи спасот го гледала во докторката и дека немала намера ништо што дала на некого да го пререче, но, била изреволтирана од тоа што подоцна го дознала.

Предметот е во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска. Освен Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје.  Постапката првично беше поведена и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина пред Судот и беше осудена на две години условна казна затвор.