Св. Трифун во тиквешијата одбележан на традиционален начин со закровање на лозјата
Кавадарчанецот Ристо Наумчев е еден од многуте тиквешани кои утрово појде на лозје. 14 февруари - православниот празник Свети Трифун, е денот кога со кроењето на лозовите насади, почнува лозарската сезона.
Лозарите полни со надеж дека ќе имаат добар род. Услови има, но поради долгогодишната негрижа на државата кон лозарството, родот е преполовен, велат тие.
Лани грозјето имаше историски највисока цена, ги охрабри лозарите министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Вели дека субвенциите за минатата година се исплатени во целост, а поддршката за млади лозари и мали винарии ќе продолжи.
За преполевен род сведочи и првиот човек на Кавадарци Митко Јанчев. Тој вели дека ако некогаш овде се береле 140 милиони килограми грозје, сега бројката е сведена на едвај 70 милиони. Но, убеден е во подобри денови за лозарството.
Со соодветна литургија, на кавадаречкиот плоштад симболично се закрои лозје. Гостите можеа да дегустираат вино од тиквешијата. Во исто време, Ристо Наумчев продолжи со својата работа на лозјето. Иако е разочаран, сепак не губи надеж.
По работата ќе го прослави Свети Трифун со пријателите и ќе побараат од светецот да го штити и благороди родот.