Суспензијата на Русковска отвара правни преседани

Само шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска може да каже кој ќе биде нејзин заменик откако републичкиот обвинител, Љубомир Јовески времено ја суспендираше од работа откако таа и уште две нејзини колешки извршија претрес во Управата за финансиска полиција.

Од републичкото обвинителство за ТВ 24 велат дека јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство сo годишен распоред за работа определува кој ќе го заменува во негово отсуство. 

„Јавниот обвинител кој раководи со соодветното јавно обвинителство сo годишен распоред определува и јавен обвинител кој ќе го заменува во негово отсуство. Советот на јавните обвинители може да назначи вршител на должноста јавен обвинител на соодветното обвинителство.“ - велат од ЈОРСМ.

А според годишниот план за работа тоа е обвинителката Ивана Трајчева за која исто како и за Русковска и за Елизабета Јосифоска е покрената дисциплинска постапка. Сепак, тоа нема да влијае врз извршувањето на нејзините обврски. Дополнително, Трајчева е на одмор надвор од Македонија. Таа информираше дека по враќањето ќе се обрати до јавноста за да одговори на сите прашања што се од јавен интерес. Затоа во нејзино отсуство итните и неодложни работи привремено ги извршува обвинителката Лиле Стефанова. 

Се' е политика и суспензијата на Русковска е нарачка, вели поранешниот судија и поранешен обвинител Јован Јоанидис кој изразува загриженост за тоа што, како што вели, Здружението на јавни обвинители не прави ништо за да се изнајде начин како да се средат состојбите во обвинителската професија. Сепак, вели Јоанидис законот дури и во вакви ситуации е јасен. 

Токму заради елиминирање на политиката но и мешањето на други центри на моќ па дури и на републичкиот обвинител врз работата на обвинителството на Русковска пред две години беше сменет законот кој сега предвидува дека државниот обвинител не може да преземе предмети од негова надлежност без согласност на јавниот обвинител кој раководи со обвинителството за гонење организиран криминал.