Судските процеси на СЈО ги чека ново патешествие
Foto

Судските процеси на СЈО ги чека ново патешествие

Судските процеси на СЈО ги чека ново патешествие по 30 јуни. Монструм, Титаник ТНТ, Талир 1 се само дел од предметите кои можно е да се соочат со нов застој откако во сила ќе стапи новиот закон за Јавно обвинителство.

Се проблематизираат полномошната на некогашните специјални обвинители кои останаа да ги застапуваат случаите и после разрешувањето на Катица Јанева. По ова се поставува прашањето каква одлука ќе донесе државниот обвинител за да ги спаси овие случаи од ново одолговлекување?

„Не сме го разгледувале тоа прашање досега поради вонредната состојба и условите во кои работиме. Но, ќе го анализираме бидејќи е од висок приоритет и во прв момент ќе пробаме да најдеме решение.“ - вели Љубомир Јовески -државен обвинител.

По долги партиски преговори Законот за ЈО беше изгласан во февруари годинава, но со примена од 30 јуни. Во него е предвидено(член 26) шефот на обвинителството да може да упатува обвинител од едно во друго обвинителство заради поефикасно работење. Но, од друга страна овој закон му дава поголема автономија на обвинителството за гонење организиран криминал и самостојност на шефот на тоа обвинителство да носи одлуки за предметите. Од одговорот на обвинителката Вилма Русковска не може да се заклучи каква иднина ќе имаат судските процеси.

„Обвинителите што сега ги застапуваат предметите од Специјалното јавно обвинителство не значи дека по автоматизам ќе преминат во обвинителстовто за гонење за организиран криминал. Што се однесува до предметите вклучително и оние на СЈО нормално е истите да ги распределува шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и коропција.“ - вели Рускоска.

Организиран криминал и корупција во државава се избрани да гонат десет обвинители заедно со Русковска. Покрај нивните истраги, тие веќе се распределени да работат како втори обвинители и на 19 истраги кои Катица Јанева од притворската ќелија потпиша да се префрлат во редовното обвинителство. Дополнително Јовески им даде надлежност и врз судските предмети. Но, во Кривичен досега се појавуваа само обвинителите кои сеуште ги чуваат случаите на Рузвелтова. Интерес за судењата не пројавиле нивните колеги од организиран криминал, велат за ТВ24 дел од обвинителите од СЈО.

„Точно е дека со временото упатување, Јавниот обвинител може да спречи одолговлекување. Не гледаме логична причина да не се согласи шефот на ОЈО-ГОК, со оглед дека желба на сите нас е и треба да биде остварување на правдата, а не нејзино кочење. Доколку би се повлекол таков потег- да се спречат поранешните обвинители од СЈО да ги довршат предметите би била желбата да се гради кариера на случаи кои други ги сработеле, меѓу кои има и преземени токму од ОЈО-ГОК кои со години беа незавршени. Веруваме дека ќе надвладее разумот.“ - велат од СЈО.

Мониторингот на невладината Коалиција за правично судење констатира дека дури 13 од 26 предмети на СЈО досега веќе се враќани од почеток бидејќи поминале 90 или 60 дена меѓу закажаните судски рочишта. Последниот Извештај на ОБСЕ покажува дека од закажани 350 рочишта 114 се одложиле, а 22 не се одржале по вина на судот.

Некои случаи сега се веќе при крај. Во Монструм доказната постапка привршува и се наѕира пресуда. Во Титаник- предметот за изборни нерегуларности беа изведени над 5000 докази. Поради обемноста на судските случаи се отвора дилемата дали ќе се наруши континуитетот ако допрва почнат да ги проучуваат и застапуваат нови обвинители? Се наметнува и прашањето, дали обвинителството за организиран криминал има кадровски капацитет со актуелниот број на обвинители да ги заврши на време сите 18 судења ? Согласно роковите од новиот закон за ЈО Русковска може да се надева на проширување на тимот со нови колеги, дури по средина на август.

Од работењето на Специјалното обвинителство од 2015-та година произлегоа 26 обвиненија со уште шест раздвоени постапки, со над 100 обвинети . Правосилни се само 4 случаи (Тенк Тифани Труст и Тврдина 2) , а зад решетки се само Ѓоко Поповски- помошник министерот за јавни набавки и бизнисменот Сеад Кочан. 18 од предметите беа префрлени во одделението за гонење на организиран криминал и корупција. Но, ниту еден од обвинителите од СЈО не застапува таму, прераспределени се во матичните низ цела Македонија-петмина во скопското обвинителство, двајца во Куманово, по еден во Кичево, Кочани иРадовиш... Предметите продолжија да ги застапуваат со полномошна кои ги потпиша Јовески. Но, дали и по 30 јуни ќе продолжат да се судат без нови паузи е неизвесно.

0 Коментари

Остави коментари