Судскиот совет расправаше дали имало судир на интереси во работата на екс претседателката Дамева
Мојата работа во комисиите не може да биде доведена во сомневање и не треба да бидам изземена од нив. Вака се бранеше поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева, која на денешната седница беше повикана на одговорност поради конфликт на интереси.
Причина е тоа што нејзиниот сопруг бил оштетена странка во предмет, во кој постапувале комисиите во кои членувала. Потпретседателот Селим Адеми побара од Дамева да им достави комплетни информации и да извести во која фаза се спорните предмети.
Ова ја разлути Дамева која реагираше дека ниту морала, ниту требала да знае за деловните обврски и за судските постапки на нејзиниот сопруг.
Поранешната претседателка на Советот Павлина Црвенковска вели дека кога некој станува член нба Судски совет, треба да знае дека неговата основна работа е следење на работата на судиите.
Откако ќе се обезбедат сите податоци за известувањата од Дамева, ќе се знае дали таа ќе се изземе од понатамошната работа на комисиите, кои одлучуваат за предмети од судии каде е инволвиран нејзиниот сопруг.
Во целата ситуација Дамева гледа хајка која се води против неа, и побара, покрај нејзиниот сопруг, да се „тресе“ состојбата по судовите дури и на нејзината ќерка, но тоа да важи и за сите членови на семејства на сите членови на Судски совет. За последните случувања во Судскиот совет пристигнаа сериозни критики од повеќе страни, а Холандија стави во „мирување “ голем проект кој го финансирала во Советот.