Судски совет ја разреши судијката Татјана Михајлова поради злоупотреби на Акмис-от
Foto

Судски совет ја разреши судијката Татјана Михајлова поради злоупотреби на Акмис-от

Судскиот совет ја разреши Татјана Михајлова, судијка од Кривичен и поранешна в.д претседателка на истиот суд.

Нестручно и несовесно постапувала и го злоупотребила АКМИС-системот, кој електронски ги дели предметите кај судиите. Ова е причината за разрешувањето. Михајлова поради боледување подолг период не се појавувала ниту во Судски совет, ниту на работното место во Судот за прекршоци. 

- Постапката се водеше некаде година и половина , судијата не можеше да дојде овде поради некои лични причини. - изјави Киро Здравев претседател на Судски совет.

Скандалот со прераспределбите на „непослушни“ судии од кривичното одделение, каде што стасуваа случаите на СЈО, во одделот за прекршоци, се врати како бумеранг на штета на нејзината кариера. Пред речиси четири години медиумите известуваа за спорниот годишен распоред кој Михајлова го донесе.

Со него судии кои одобруваа притвори на порашени функционери од ВМРО-ДПМНЕ, претрес во УБК и се бореа бомбите да бидат докази во судница беа префрлени да судат прекршоци. Откако судиите приговараа и Врховниот суд одлучи во нивна корист Михајлова си поднесе оставка од вршител на должност во Кривичен.

Михајлова е втора судијка кај која се лоцирани злоупотреби со АКМИС-системот. Владимир Панчевски е веќе осуден на три ипол години затвор за штелување на предмети кај „подобни“ судии.

На рочиштето против Панчевски судска службеничка сведочеше дека стасало наредба од него, еден звучен процес на СЈО да и биде доделен токму на Михајлова,наместо компјутерот случајно да го избере судијата.

Јавноста ја памети Михајлова и по жестоките кавги во кои влезе со обвинителите од СЈО, кога ги казни по 2000 евра Катица Јанева и Фатиме Фетаи. Татјана Михајлова беше главна судијка во процесот „Шамари во Центар“ и донесе одлука да се забрани користење на бомбите како докази. Во нејзината листа влегува и 20 годишната казна за Миле Хаџиски, осуден за убиството на Мери Јошевска пред 26 години.

 

Михајлова е трета судијка која е разрешена по новата методологија за прочистување на судството. За Весна Кичеец од Охрид и нејзин колега во пензија е утврдено дека нестручно и несовесно работеле. Михајлова има уште една шанса за „спас“, да поднесе жалба до Врховен, кој може и да не одлучи во нејзина корист.

0 Коментари

Остави коментари