Судски совет го разрешил апелациониот судија Енвер Беџети за нарушување на јавниот ред и мир

Формално, судијата Енвер Беџети не е повеќе судија во скопска Апелација. Енвер Беџети кој кон крајот на минатата година се најде на американската „црната листа“ за корупција, а во врска со предметите поврзани со Сашо Мијалков, екс директорот на УБК-Судскиот совет го разреши од вршење на судиската функција, поради сторена потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување.

Судски совет на РСМ

„Е.Б. – судија на АС С., СЕ РАЗРЕШУВА од вршење на судиската функција, поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, согласно со член 74 став 1 алинеа 1 од Законот за судовите, поради потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед од член 75 став 1 точка 1 од истиот закон в.в. со член 3 алинеја 1,3 и 4 од Законот за судовите“.

Енвер Беџети во врска со обвинувањата во текот на постапката кажал соопштението на Стејт Департмент е акт донесен од политичко тело на странска држава и не е акт донесен од судски орган. Според Беџети, самата постапка која е водена од Стејт Департментот на САД е еднострана постапка без засегнатото лице да е запознато дека против него се води било каква постапка. Според Беџети примање мито на судија уште повеќе се докажува со конкретни докази и претставува сериозно кривично дело. 

Судскиот совет, на седницата одржана на 26 мај донел одлука со која го разрешил судијата Енвер Беџети од вршење на судиската функција. Претходно, одлуката на Судски совет беше обжалена од страна на судијата Беџети до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд. Но, Советот за одлучување по жалба при Врховен на седницата одржана пред точно еден месец донел решение со кое го потврдува решението на Судскиот совет. 

Американска амбасадорка на САД во Македонија, Агелер, за овој случај во декември минатата година, за ставањето на „црната листа“ на САД изјави дека оние што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот треба да разберат дека корупцијата носи последици. Посочуваше дека САД има цврсти докази, бидејќи САД не става луѓе на „црната листа“ врз основа на сомнежи или чувства.