Судски совет формира комисија која треба да утврди дали имало пропуст во претходните судски постапки на обвинетиот Васил Јованов
Дали судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот Кривичен суд Скопје направила пропуст во пресудата за 20 годишниот Васил Јованов, кога за поседување и трговија со наркотици пресудила воспитно поправна мерка - упатување во поправен дом за малолетници.
За ова ќе решава новоформираната Комисија во Судскиот совет. Увидот ќе го извршуваат судијките Данка Ристова која е координатор за Кривичниот суд, Антоанета Димовска како координатор за Апелациониот суд и член на судскиот совет Тања Чачарова Илиевска.
Комисијата ќе работи паралелно со одлучувањето на Апелациониот суд каде од 07.11.2024 се наоѓа предметот на Васил Јованов откако пресудата на судијката Даниела Алексовска Стојановска била обжалена. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски и порача на Комисијата да постапува внимателно за да не создава притисок врз Апелација.
„Апелацискиот суд мора да одлучи по таа првостепена пресуда. Ако е добра, ќе ја потврдат, ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката, ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат. Убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме Апелацискиот суд да почувствува некаков притисок од нас. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд.“ - Александар Камбовски претседател на Судски совет.
Зад одлуката на судијката Даниела Алексовска - Стојановска денеска застанаа и од Здружението на судиите на Република Северна Македонија.
- Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај. Вината за системските проблеми во сообраќајот не може да се припише на судството, бидејќи сообраќајните несреќи се комплексен општествен проблем поврзан со инфраструктурата, превенцијата и свеста на учесниците во сообраќајот. - Здружение на судии на РМ.
Вчера и колегите судии од Основниот Кривичен суд Скопје ја поддржаа судијката Даниела Алексовска-Стојановска, според нив, при одлучувањето таа се водела согласно Законските одредби, слободното судиско убедување, воспоставената судска пракса како и наводите на јавниот обвинител кој ги навел возраста на Васил Јованов и тоа што потекнувал од современо функционално семејство, во неговите завршни зборови.
Сепак, современоста и функционалноста на семејството Јованови од вчера се ставени под лупа на обвинителството- тие ќе испитуваат дали и кај родителите на Васил има умислена одговорност за смртта на Фросина Кулакова.