Судот му го одзеде пасошот на Мемети

Поранешен Народен правобранител, заменик претседател и член на Советот на Јавни обвинители, а денеска второосомничен во истрагата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за примање награда за противзаконито влијание, Иџет Мемети во моментот има мерки на претпазливост.

По сослушувањето од судија на претходна постапка, изјави дека ги знае сите обвинители и судии, се дружи, разговара и пие кафе со нив, но на дополнително прашање дали разговараат за предмети, кратко одговори „не“. Потенцираше дека оваа постапка ќе заврши за многу брзо време и ќе се докаже спротивното. Не сакаше ништо друго да открива заради негов интерес и од интерес на јавноста и остава органите да ја завршат својата работа.

„Не е добро да зборувам пред медиумите за работа која по судски пат се тера. Ве уверувам дека многу брзо, ќе заврши и на крај ќе излезе дека ништо противзаконски не сум работел. Ги знам јас сите обвинители и судии и се дружам, разговараме, пиеме кафе...“ - рече Мемети.

Судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерки на претпазливост за второосомничениот Мемети, донел решение со кое предлогот се уважува. Од Кривичен велат дека мерките важат до правосилноста на постпаката, а против ова решение странките имаат право на жалба.

- На осомничениот му се опредлуваат мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т. 2 и 3 односно обврска на осомничениот повремено да се јавува на определено службено лице во судот и одземање на патна и друга исправа за напуштање на државната граница како и забрана за издавање нова. Мерките важат до правосилноста на постпаката, а против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд. - велат од Основен кривичен суд Скопје.

На првоосомничениот во овој случај, врховниот судија Наќе Георгиев, кој беше уапсен завчера веќе му истекува неговиот триесетдневен притвор. Според обвинителството, Георгиев и Мемети ветиле погодности за постапката која се води против екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев за шверц на марихуана. Првичните информации говорат за тоа дека синот на Стојчев го пријавил случајот, а Георгиев пак бил фатен со 10 000 евра.