Судот и натаму одлучува по барањата за амнестија на обвинетите од 27 април
Од вкупно 66 барања за амнестија, обвинителството дало позитивно мислење само за 16 обвинети. За останатите 50 обвинети или осудени кои бараат милост од судот, обвинителите сметаат дека не треба да ја добијат. Денеска се испратени сите барања во судот, кадешто неколку кривични совети цел ден одлучуваат , кој ќе се спаси од затвор.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ги достави мислењата по преостанатите 17 барања за амнестија. Дадено е позитивно мислење по 3 барања. Мислење дека лицата кои побарале амнестија не ги исполнуваат условите согласно Законот за амнестија е дадено во 14 случаи.“ - велат од ЈОРМ.
Првата тура амнестирани помина вчера.
„Како најнови информации кои ги добив од дежурните служби кои се во судот, тоа е дека 12 лица обвинети од предметот 27 април имаат добиено ртешение за амнестија. Тоа се Љубен Арнаудов, Захарие Симовски, Јохан Тарчуловски, Елена Божиновска, Стефан Младеновски, Љупчо Димовски, Митре Питроповски, Илија Славевески, Крсто Мукоски, Михаил Младеновски, Саши Василевски и Иван Цветановски. Тоа се 12 лица кои досега се амнестирани. Мислам дека досега во судот се стигнати само оние барања на кои обвинителството за организиран криминал даде позитивно мислење.“ - изјави Иван Џолев - претседател на Кривичен суд.
Барање за амнестија испратиле и сите седуммина осудени за обидот за убиство врз Зијадин Села. Меѓу барателите е поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Незадоволните од одлуките во Кривичен суд имаат право на жалба до Апелација.