Судир на Антикорупциска и Судски совет за Академијата за судии и обвинители
Иницијативата за одговорност на членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители не смееше да биде отфрлена, таа е поднесена во законски рок, реагираат антикорупционерите откако Судскиот совет вчера ја отфрли како ненавремена.
Велат за одлуката дознале од медиумите и веднаш откако ќе ја добијат ќе ја оспорат.
- Иницијативата за поведување на постапка за утврдување на одговорност е поднесена во рокот од 15 дена од приемот на последната одлука донесена од страна на Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во врска со конкретниот случај, а во согласност со Законот за спречување на корупцијата. И покрај тоа, сакаме да истакнеме дека рокот од 15 дена не е преклузивен рок, истиот е инструктивен рок, односно со негово пропуштање на се губи правото за преземање на определено дејствие, бидејќи нема одредба во Законот која предвидува последица од непостапувањето по тој рок. - велат од ДКСК.
Најголем императив во постапувањето на Судскиот совет, оценуваат од ДКСК, треба да биде санкционирање на пријавените, особено што нивното постапување надвор од законските рамки е утврдено со одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата, а потврдено од Вишиот управен суд, во законски утврдените рокови. Иницијативата на Антикорупциска до Судскиот совет беше поднесена во мај годинава поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.
Антикорупциската комисија едногласно го усвои приговорот на Гордана Силјановска-Давкова и ги поддржа сомневањата дека со непрекинувањето на процесот на прием и тестирање на слушатели, Академијата за судии и обвинители ги прекршила изборниот и антикорупцискиот закон.