Судијката Груевска вети: Можеби не брзо, но ќе се дојде до правдата на судењето за „Пулс“

Со мало задоцнување и во преполна сала, утрово почна судењето за несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а повредени се повеќе од 200 лица. 

„Знам дека барем името ми го знаете тоа се врти со месеци”, вака го почна судењето судијката Диана Груевска по што се престави и ги кажа правилата на судењето.
Побара дисциплина за време на рочиштето, а странките имаат право на една опомена додека на втората ќе бидат отстранети, кажа судијката.

„Ќе имаме респект кон тагата и болката на роднините на жртвите сите ќе имаат право да си ја кажат својата верзија на случајот и да предложат докази. Ќе бидеме транспарентни“, вети Груевска. „Не можам да ветам брзина. Може да се направи грешка. Колку ќе трае судењето никој не знае, апелирам на трпение и дисциплина“, рече судијката. „Ќе дојдеме до правдата“, вети таа пред полната судница.

Во преполната судница во КПУ Идризово, под засилени безбедносни мерки денеска започна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Покрај обвинетите, присутни се и роднини на 63 жртви кои го загубија животот во несреќата што се случи на 16 март, претставници на обвинителството, на одбраната, новинари.

На денешниот почеток на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани присуствуваат бројни домашни и странски медиуми, како и претставници на дипломатски мисии, набљудувачи од ОБСЕ, САД и ЕУ. Рочиштата се одржуваат во КПУ „Идризово“, со засилени безбедносни мерки и присуство на медицински тим.

Трагедијата се случи на 16 март годинава, кога загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 лица беа повредени. Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Во случајот се опфатени 38 обвинети – 35 физички и три правни лица – кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители. Предвидено е рочиштата да се одржуваат со темпо од две неделно.