Судијка пред можно разрешување поради злоупотреби на АКМИС
Foto

Судијка пред можно разрешување поради злоупотреби на АКМИС

Судскиот совет во среда ќе одлучува за можно разрешување на судијка поради манипулации со делењето на предмети. На дневен ред за работа има точка со која е предвидено да се утврди одговорноста на судија, без да се соопштат повеќе детали. 

Според извори на ТВ24 се работи за поранешна в.д претседателка на Кривичниот суд во Скопје за која ќе се оценува дали нестручно и несовесно работела кога подготвувала распоред на судии и одлучувала кој колега што ќе суди.  

Неофицијално постои сомнеж за местенки со распоредот на судии кои не работеле под нејзин диктат. Официјално од Судскиот совет не се открива ништо.

„Тоа што е предвидено во распоредот за работа останува, повеќе информации не смеам да соопштам, премногу е рана фаза на постапката, треба да се одлучува допрва“ - вели Киро Здравев - претседател на Судски совет. 

Информациите на ТВ24 се дека судијката се уште работи во судот, но не суди во кривичното одделение. Пред да биде прераспределена судеше еден од случаите во кој беше обвинет Никола Груевски и своевремено донесе решение со забрана за користење на бомбите во судница.

Кога предмтите на СЈО стигнаа во судот, таа беше обвинувана за злоупотреби на распоредот, а осуммина колеги приговараа и добија одлука од нивна корист од Врховниот суд поради прераспределбата. 

Досега поради злоупотреби на АКМИС системот и местенки со судските предмети е осуден поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски. 

Судскиот совет од Нова Година работи под полна пареа и нова методологија со која ја оценува стручноста и професионалното работење на судиите. Пред два дена испратиле информации до обвинителката Вилма Русковска дека во работната фиока на починат курир се пронајдени 1.500 недоставени платни налози. Од ова заташкување на предмети,  Русковска тврди дека штетата е 20 милиони денари. 

Во овој случај има сомнеж дека се поврзани уште неколку судии кои се под лупа на Судски совет и обвинителството.

0 Коментари

Остави коментари