Судиите и премиерот со различна „математика“ за висината на личните доходи
Највисоката плата за 2024 година во рамки на судството изнесувала 139.738 денари во нето износ. Во однос на изјавите во јавноста дека претседателите на судовите земаат плата од по 180 илјади денари, претседателот на Судски совет Александар Камбовски посочи дека нема таква плата во државата.
Просечните исплатени плати минатата година на судиите во Врховниот суд, во кои е вклучен минат стаж, изнесувала 128.000 денари. Ова се плати без додатоци, кои и така не се земаат секој месец, вели Камбовски.
Александар Камбовски-претседател на Судски совет на РСМ
„Судија во основен суд со основна надлежност има нето-плата од 86.623 денари, со проширена надлежност 89.346 денари, претседател на основен суд 99.112 денари. Тие се платите за основните судови. Врховен суд, судија зема 105.000 денари, претседател 114.000 денари. Овие плати што ги кажувам се основните, на овие плати има нели додавање на минат стаж.“
Според Камбовски, по состаноците со сите судови во Македонија, во планот за вработување минимум човечки ресурси кои се потребни во моментов се 300 луѓе, со цел да можат судовите да функционираат на минимум задоволителна основа. Судскиот совет прави планови на буџетот за следната година и веќе е при крај, за вработување и ревизија на сите судови, капитални инвестиции, реновирање на судски згради, набавка на опрема.
Александар Камбовски-претседател на Судски совет на РСМ
„Апсолутно, мислам се согласувам со премиерот. Ние треба да имаме буџет, па да знаеме што сакаме, да може централниот буџет да ги одвои тие средствата што ни се потребни. И од неговите изјави јас подразбирам дека и тој е согласен на тој начин да продолжиме понатаму.“
Во врска со претходните изјави на премиерот Христијан Мицкоски дека споредбено со регионот, за судиите во државава се издвојува висока сума. Камбовски вели дека можеби премиерот е во право, доколку се спореди со БДП, колку е и колку од него се издвојува за судството. Нагласува дека сепак за да се достигнат соседните земји треба да имаат поголеми издатоци, иако вели во поглед на платите заостануваат и во регионот и во ЕУ.

