Судењето против Лидија Димова продолжува на 3 март
Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова не чуствува вина за злоупотреба на службената положба и овластување и измама.
Денеска на второто рочиште посочи дека не ги злоупотребила европските фондови, иако второобвинетиот, Александар Гочев призна вина со што веднаш доби раздовена постапка.
По рочиштето, адвокатот на Димова, Зоран Молчанов пред медиумите кажа дека не постоела измама на штета на европската заедница, нешто што го посочија и пред судијката Фанка Јанчулева - Михаиловска. Адвокатот на Гочев, ексградоначалникот на Скопје Петре Шилегов пак, не се појави на рочиштето.
- Кузмановска покрена обвинение против Димова како тогашна директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Гочев како нејзин најблизок соработник и Ана Павлиду, тогашна благајничка. - рече обвинителката Сузана Мирческа.
Димова е осомничена дека ја искористила службената положба и овластување со намера да прибави имотна корист за друго лице, односно ангажирала соработници во Агенцијата, без да објави оглас. Второто дело кое и се става на товар е за исплаќање на издатоци за службени патувања. Гочев се гони за измама, додека пак сега веќе пензионираната благајничка за несовесно работење во служба.
Обвинителството проценило дека штетата за злоупотреба на европските пари изнесува околу 320.000 евра. Според обвинението, на сметката на второобвинетиот Гочев како средства за службени патувања легнале 15.300 евра, а тој во договор со Димова изготвил десет обрасци „каса исплати“ и прикажувал лжани податоци дека сумите претставуваат аванс за негово патување.
Благајничката пак, според обвинителството, му ги исплатила парите, односно пропуштала должен надзор и несовесно постапувала така што ги примала обрасците од соработникот на кои имало лажни податоци.
Следното рочиште е закажано за 3 март.