Судење за за пожарот во „Пулс“: Искази за безбедносните пропусти
„Имаше хидрант ама празен. Задната врата беше заклучена и имаше само два противпожарни апарати..“ продолжи судењето за пожарот во „Пулс“ со сведочење на инспектор од ДЗС од подрачното одделение во Виница.
Сведокот посочи дека повеќе од една деценија до моментот на трагедијата минатата година, Општина Кочани немала вработено инспектор за заштита и спасување. Претходниот негов колега бил пензиониран од 2012/2013 година и оттогаш местото останало празно, а раководството било запознаено.
Сведокот се изјасни дека тој бил задолжен за територија на Виница, а за вонреден надзор неопходен бил писмен налог од директорот, заменик-директорот или генералниот инспектор. За затекната состојба, кобната вечер, потенцираше дека имало пропусти.
Дарко Стојков-сведок
„Кога влеговме имаше два ПП апарати-недоволно. Имаше хидрант-празен, немаше вода, немаше црево. Најболната работа е тоа што задната врата беше заклучена од внатрешна страна, немаше квака, заклучена со катанец. Пожарникарите кршеа, вратата не беше по стандардите. Немаше нужно панично светло над вратата. Од едниот тоалет имаше решетки, па се кршеа. Надвор имаше зелена површина, мала-несоодветна, висока како брег и немаше услови за евакуација на повеќе луѓе. Не беше соодветно за пристап на брза помош. Пожарникарите гасеа од горе.“
Според адвокатот Звонко Давидовиќ, одбраната на екс директорот на ДЗС, Аднан Џеферосски-директорите кои се на обвинителна клупа, немаат никаква поврзаност и ингеренции со инспекциски надзор, а особено не со конкретниот настан.
Звонко Давидовиќ-адвокат на Аднан Џеферовски
„Се ова покажува начинот на кој се води постапката и дека до крај не се избистрени работите кој се за што е одговорен. Овде не е префрлање на вина, само ви го цитирав законот и она што се законски одредби-кој за што е надлежен. Се додека бегаме од својата надлежност, ќе ни се случува ова што ни се случува. Многу е лесно да ја префрлите топката на другиот, ама треба да погледнете дека согласно закон немате само права, туку имате обврски и одговорности. Кога тоа во државата ќе се прифати ќе биде како што треба.“
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска Илиевски и во тек е доказна постапка со предложени сведоци од Обвинителството, тим од 15 обвинители.
Пожарот во „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март минатата година за време на настапот на музичката група ДНК-една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.

