Судење за убиствата на Пања и Панче – Палевски во последен обид да докаже дека е невин

Продолжи судењето за грабнувањата и убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот Панче Жежовски од Велес со дополнение на доказна постапка. Одбраната на обвинетиот Боре Видевски побара да се изведат како доказ видео снимките од две бензиски пумпи во Велес. Тој тврди дека на тие снимки се гледа Панче Жежовски, односно на 22.11.2023 година околу пладне, вели истите ќе ги обезбеди и ќе ги изведе.

Бојан Манев-адвокат на Боре Видевски: „Тие снимки треба да го покажат движењето на „кангуто“ во критичниот период. Тие снимки ќе бидат доказ дека „кангуто“ не се движело по таа релација, затоа што за „кангуто“ да стигне до куќата на Велибор Манев мора да помине покрај тие две бензиски станици и мора да ги има на тие две снимки. Кога ќе видите дека на тие две снимки во споменатиот период го нема „кангуто“ ќе ви биде јасно дали снимките од Велибор Манев се вистинити.“         

Според адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски, Обвинителството се спротивставува само на своите докази.

Јовица Страшевски-адвокат на Љупчо Палевски: „Со смс пораките и другите докази кои ги изведовме им се побива дека има временската разлика е померена. Од друга страна покажуваат лопати кај Велибор Манев и тврдат дека тие лопати се спротивно на нивните докази изведени во текот на главната расправа, кај што тврдеа дека лопатата што е најдена од лице место е вештачена, а сега покажуваат други лопати. Што значи Обвинителството од ден на ден се спротивставува само на своите докази.“                

Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ приложи докази кои според одбраната докажуваат дека Александар Ѓорчевски во критичниот период од 27.11 до 3.12.2023 година има остварено комуникација со психијатар од ГОБ „8 септември“, а претходно и Ѓорчевски истото го навел во исказот.

Додека пак, одбраната на обвинетите Велибор Манев и Влатко Кешишев не приложија докази во ова дополнение на доказната постапка. 

Денеска заврши доказната постапка, а судењето продолжува со завршни зборови на втори јуни.