Судење за „Пулс“: Температурата во моментот на пожарот како во крематориум

На денешното рочиште кое траеше околу шест часа сведочеше раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков. Тој посочи на резултатите добиени од анализи од обдукциите за присуство на јаглерод моноксид, односно кај 7 лица е утврдена концентрација до 10%, кај 17 до 20%, кај 17 до 30%, кај 14 до 40% и кај 4 лица над 40% карбокси хемоглобин во крвта.

Првиот човек на Институтот потенцираше дека дополнителни фактори во настапување на смртта, кај одредени лица се присуство на цијаниди, вдишување на топол воздух, чад и евентуалните повреди од притисокот.

проф. Д-р АЛЕКСАНДАР СТАНКОВ- раководител на Институт за судска медицина

„Кај најголем дел од луѓето главната причина за смрт, како што е наведено во сите писмени извештаи е насилно задушување заради труење со јаглерод моноксид. Останатите причини се амбиентално задушување, компресивна асфикција, оштетување термичко на дишните патишта.“

Одбраната на дел од обвинетите во судницата реагирааа на тоа дека кај одреден дел од жртвите било констатирано одредено количество на алкохол, дрога, седативи, но Станков тврди дека тие не придонеле скоро воопшто во настапување на смртниот исход и не може да се гледаат како единствен фактор. 

проф. Д-р АЛЕКСАНДАР СТАНКОВ- раководител на Институт за судска медицина 

„Не може да ги исклучиме и да ги изолираме само како фактор на делување. Постојат многу фактори на делување, кои се многу поважни-просторот, неможноста за евакуација, присуството на чад, топол воздух, јаглерод моноксид и цијанидни гасови.“            

Родителите побараа да не се шпекулира во јавноста со дел од информациите, според нив заклучокот од Институтот за судска месицина е јасен односно причината кај најголем дел од жртвите е насилно задушување како последица на труење со јаглерод моноксид водороден цијанид. Велат смртта не е од еден фактор туку резултат од повеќе фактори и последици на системски пропусти.

Маја Крстева Коларова-родител

„По јавното објавување на дел од доказен материјал на социјалните мрежи, кој до повеќе медиуми и лица беше испратен од страна на обвинетиот градежен инженер Николчо Гоцев од Кочани, селективно и со очигледна намера да се манипучира јавноста и да се пренасочи вистината-јасно му укажуваме: доста е од лаги, од обиди вината да се префрли врз жртвите и преживеаните.“ 

На почетокот на рочиштето одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов побара исклучување на јавноста заради како што наведе заканата од дел од родителите кон првообвинетиот и навреди кон адвокатката. Судот посочи дека родителите не се јавност туку оштетени во постапката и за истото биле опоменати на минатото рочиште.

А затоа што двајца сведоци не беа достапни за органите на прогонот по одлука, нивните искази дадени во Обвинителството, денеска во судницата беа прочитани.

Судскиот процес продолжува задутре, а го води судијката Диана Груевска Илиевска.