Судење за „Пулс“: „Нашите деца отидоа на концерт, а не во гасна комора да бидат задушени од цијанид од запалениот сунѓер“
Вкрстено испрашување на вештите лица кои го подготвија градежното вештачење од страна на одбрана за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Вештите лица посочија дека утврдиле дека во внатрешноста на објектот, бил истакнат само еден план за евакуација. При анализита, ценеле дека иницијалниот извор на пожарот се прскалките. Но, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Велат дека има директна поврзаност и тоа е нешто што помага да се прошири, да гори, да се запали.Вештите лица неколку пати повторија дека вештачењето не е базирано ан еден докуемнт туку на целокупна документација.
Горан Марковски-вешто лице, професор на Градежен факултет-Скопје: „Основа на нашето тврдење што има поставено на таванот беа форензичките вештачења и оние на Институтот за судска медицина и на ПМФ. Специфично, за овој материјал конкретно сунѓерот е што при согорување тој ослободува јаглерод моноксид и цијанид, а знаеме во кои историски моменти се користел цијанид.“
Родителите на загинатите деца реагираа и повторија дека одговорност мора да има. Додавајќи дека не бараат одговорност без докази, туку докази кои ќе доведат до секој што со своето постапување или непостапување придонел оваа опасност да постои.
Здружение на граѓани „16-ти Март 2025-Кочани“: „Историската тежина на овие зборови е морничава. Цијанидните соединенија имаат едно од најмрачните места во човечката историја-водородниот цијанид бил користен од нацистичка Германија за масовно убивање во гасните комори. А нашите деца отишле на концерт. Во објект во кој со години стотици млади луѓе оделе да се забавуваат. Како било дозволено ваков материјал да стои над главите на стотици млади луѓе? Кој контролирал? Кој знаел? Кој бил должен да спречи, а не спречил?“
Судскиот процес за кочанската трагедија продолжува утре.

