Судење за „Меѓународен сојуз“
Само што објави дека е одбиено барањето за нејзино изземање, судијката Софче Гаврилова Ефремова денеска доби уште едно ново од првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски.
„Новата околност укажува дека судијката на минатото рочиште, без никакава моја навреда на записник нотираше дека сум ја навредил. Околноста за правото на непристрасно судење може да се види од односот на судијката. Друга околност е што судијките Софче Гаврилова Ефремова и Васка Николовска Масевска кривично ги гонам за злоупотреба на службената положба, обид за убиство и тортура.“ - изјави Јовановски.
На судењето на кое беа изведени докази од телефонската комуникација помеѓу Јовановски, поранешната пратеничка Фросина Ременски како и потпретседателката на „Меѓународниот сојуз“ Јасна Ерцеговиќ, обвинителката посочи дека анализата на разговорите е правена за периодот од 2018 до 2019 а со која ќе треба да се докаже незаконското финансирање на невладината организација.
А кривични пријави против обвинители од одделот за гонење организран криминал и против вработени во МВР ќе поднесе и Ременски која денеска пред почетокот на судењето во изјава за медиумите повторно тврдеше дека против неа нема докази и дека претресот во нејзиниот дом бил незаконски извршен.
За случајот „Меѓународен сојуз“ обвинети се Бојан Јовановски, Фросина Ременски, Миле Јовановски, Христина Блажевска и Јасна Ерцеговиќ. Според обвинението обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски дека ќе градат центри за возрасни луѓе и за тоа на сметка на невладината треба да уплатат безмалку милион евра. Во овој случај како правно лице обвинета е и невладината организација.