Судење за Димитровска обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат
Миле Столевски (ревизор): Ќе полагам сега.
Татјана Димитровска (екс претседателка на ДКСК): Ајде со среќа.
Миле Столевски (ревизор): фала.
Татјана Димитровска (екс претседателка на ДКСК): Kако ти оди?
Миле Столевски (ревизор): Само што завршив со курсот сега ќе полагам.
Татјана Димитровска (екс претседателка на ДКСК): Фала Миле, частам ручек.
Комуникацијата завршува со пдф документ односно електронски сертификат. Ова е дел од комуникација помеѓу екс претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска и ревизорот Миле Столевски. Обвинителството презентираше докази односно разменетите пораки помеѓу Димитровска и Столевски поврзани со добивање и полагање на сертификатот од Дирекцијата за безбедност на класифицирани податоци.
За Обвинителството со овие пораки докажуваат за прекршување на „правилата на игра“.
Фатон Азизи-обвинител
„Обвинетите Миле и Татјана имаат развиена комуникација во насока на тоа, обвинетата Татјана бара помош, а обвинетиот Миле се приклучува на порталот, со податоците кои претходно му биле доставени во електронска порака, пасворд и со тоа се приклучува на сајтот на органот кој го издава сертификатот. Претходно треба да се следи онлајн обука и на крај се полага тестот. Сметаме дека Обвинителството со изведување на овие пораки докажа дека лицето Миле се приклучил на веб сајтот неовластено, ги дава податоците, го полага тестот.“
За одбраната на Татјана Димитровска, презентираните докази на Обвинителството, комуникацијата, не претставува кривично дело, а за споделените информации и податоци не постоело забрана.
Владимир Туфегџиќ-адвокат на Татјана Димитровска
„Се работи за квиз тест, кој е од таков формат кој нема строга форма и не е забрането ова што денеска го видовме на ниво на комуникација. Ние овој дел воопшто не го спориме ваквиот доказ, но сметаме дека не е исполнето законското битие на кривично дело. Ниту кај Татјана, ниту кај Миле.
Одбраната на обвинетата Билјана Петровска Мандева потенцира дека од пораките постои комуникација која се однесува на мазут-примени количини за производство и испорака на електрична енергија во ТЕЦ Неготино.
Надица Фундуки-адвокатка на Билјана Петровска Мандева
„Почнувајќи од 16.07, заклучно со 18.09.2024г. Небојша Стојановиќ е официјален и легитимен директор на АД ТЕЦ Неготино и апсолутно не станува збор за неповикано и лице ниту за оддавање на податоци кои произлегуваат од службени документации со кои обвинетата му изнесувала службени податоци а со тоа му оддавала службени тајни на претпоставениот.“
Екс претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска се товари за оддавање службена тајна на Небојша Стојановиќ како и за тоа дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал компјутерскиот сертификат. Димитровска, Столевски како и Билјана Петровска Мандева од ТЕЦ Неготино на почетокот на судскиот процес негираа вина.
Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а продолжува следната недела.

