Судење Ѓоко Ристов: Сведочење на вештак-во трагите има днк профил на лицето Ѓоко Ристов
Според вештото лице од МВР, нема контаминација во трагите на ДНК на сега обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов-пронајдени на алуминиумските фолии во кои биле завиткани 350.000 евра и соѕидани во куќа на неговите родители во Неготино.
Ана Лалевска-вештак
„Во конкретното вештачење, во трагите има ДНК профил на лицето Ѓоко Ристов.“
За обвинителката Искра Хаџи Василева, тоа што одбраната го спори овој доказ е обид за манипулација, а според одбраната на Ѓоко Ристов, адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека според одговорите на вештото лице истите не се компетентни и валидни.
Обвинителството изведе и електронски комуникации на обвинети лица во други предмети и аудио разговори и фотографии. За Обвинителството има многу детали и агли кои укажуваат на корупција.
Искра Хаџи Василева-обвинителка, ОЈОГОКК
„Сакавме да го покажеме контекстот, бидејќи како што уште на почетокот беше најавено ние директен поткуп не успеавме да докажеме во овој предмет. Меѓутоа овие докази одат во линија на покажување на една корумптивна вкупност и поведение. Нешто што беше забележливо и низ овие докази е просто тешкотијата на истрагата, ако забележавте во последната снимка од разговор-самиот обвинетиот е свесен дека можеби треба да внимава затоа што е предмет на надзор. Тоа е периодот кога веќе е уапсен сега осудениот Фехми Стафа, во разговор со друго лице кое е предмет на мерката.“
Според Обвинителството, истрагата била тешка затоа што обвинетите имале информации одвнатре во однос на дејствија кои се преземале, па можеби затоа не стигнале до директен поткуп, но Хаџи Василева вели имаат докази и сакаатд а ја покажат анатомијата на поведение од страна на обвинетиот Ристов. Одбраната на Ристов тврди дека Обвинителството нема докази.
Звонко Давидовиќ-адвокат на Ѓоко Ристов
„Обвинителството до денеска не обезбеди ниту еден доказ за било каков корумптивен предмет каде се земени пари. Слушнавте какви се односите во Апелационен суд и кој што прави, ама обвинителот спие си оди дома и не презел ништо. Очигледно дека нешто не е во ред, затоа што вчера беше запалено возилото на судијата и беше предизвикана поголема штета и загрозување на општата сигурност на луѓето во зградата. Она што сум информиран, сторителот односно потаплувачот е фатен и МВР презема мерки и дејствија за расчистувања на случајот.“
Вчера, изгоре автомобилот во сопственост на судијата Ѓоко Ристов, неколку часа откако неговата сопруга, државната правобранителка Симона Зориќ Ристова во интервју зборуваше за предметот и наведе останати состојби во судот.
Ѓоко Ристов е обвинет за прикривање имот и перење пари, а следното рочиште е закажано за први септември.

