Судење: Нови шокантни информации кои претходеле на трагедијата во Карпош

Мајката на Ивана, соседите во зградата во Тафталиџе, мајката на Стојанче но и лично Ивана, во рок од две години десетина пати го пријавиле во полиција Стојанче Јовановски за семејно насилство. Аудио снимките кои денеска во судницата беа презентирани како материјални докази од обвинителството ги покажаа повиците за помош на Ивана но и на нејзините блиски.

За кобниот ден кога Ивана и Катја ги загубија своите животи обвинителството приложи три аудио снимки. Првата снимка беше од телефонот на Ивана која додека се расправаат со Стојанче повикала полиција и го оставила телефонот вклучен. На снимката се слуша како Стојанче ја тепа а таа вика „престани да ме удираш“. Втората снимка е од два часа пред трагичниот настан. Ивана од пред кривичен суд вознемирено се јавува во полиција и кажува дека сака да го пријави сопругот за семејно насилство. Третата снимка е од повикот на Стојанче кон брза помош веднаш по трагедијата. На снимката се слушаше како Стојанче со вознемирен глас вика „Жена со мало дете се фрли од балокн, ве молам, мало дете“.

Освен снимките од втори март, пред судот беа пуштени и снимки од пријавите во полиција од соседите на Ивана кои пријавувале дека во станот се слуша викање и плач на мало дете.

- Во еден часот по полноќ. Анонимен сосед од зградата на Ивана и Стојанче пријави во полиција дека во станот до нив има силна врева и плач. Вели дека жената од станот дошла кај нив дома и им кажала дека сопругот ја тепа.

Во 2025 година и мајката на Ивана но и мајката на Стојанче го пријавиле Стојанче за насилство врз неговата Ивана. На аудио материјалот од пријавата на мајката на Стојанче се слуша како таа на прашање од операторот „Што се случува таму?“ одговара дека има обид за убиство, мажот ќе ја убие жеаната а во позадина се слуша како Катја плаче и вика „Тато ќе ја убие мама“.

Неколку месеци пред трагедијата Ивана, во ист ден два пати го пријавила Стојанче. Првиот пат дека не ја пушта да влезе во станот и вториот пат дека Стојанче во станот чува дрога. Операторот од 112 првиот пат ја советува да повика некој од куќен совет за да и отвори, а доколку не успее да се снајде и вели да повика пожарна. Ивана и во двата повици настојува да разговара со полиција.

- Ивана му објаснува на операторот дека куќен совет нема клуч од нејзиниот стан и бара да биде поврзана со полиција. Тој повторно ја насочува кон куќен совет и и кажува дека ако не успее ќе дојде пожарна да ја скрши вратата. 

На судењето беа прикажани и видео материјали обезбедени од обвинителството од моментот кога се случува трагедијата, како и видео снимки од „Безбеден град“ кои покажуваат како Стојанче на улица ја тепа Ивана неколку часови пред трагедијата.