Судење на Зоран Јованов
На денешното судско рочиште во скопскиот Кривичен суд на судењето против Зоран Јованов, таткото на осудениот Васил кој предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загина Фросина Кулакова, сведочеше сопругата Ана и нагласи дека сопругот не му дозволувал на Васил да вози додека не го положи возачкиот испит.
Мајката на Васил Јованов, Ана Јованова, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје изјави дека нејзиниот сопруг Зоран Јованов никогаш не му дозволил на нивниот син да управува возило без положен возачки испит.
Таа посочи дека Васил покажал интерес да вози дури откако го положил теоретскиот дел, но паднал на практичниот, по што побарал да вежба со семејното возило. Според неа, таткото бил категорично против и инсистирал обуката да продолжи исклучиво со инструктор
Судењето продолжува на 28 април со испитување уште четири сведоци, а во мај ќе треба да биде сослушан и Васил Јованов.
Судењето против Зоран Јованов, таткото на Васил, почна во јуни 2025 година и тој се товари за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејство или средства“ откако во јануари 2025 година, неговиот син управувајќи автомобил без возачка дозвола и под дејство на алкохол, удри во Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди и таа почина на самото место.

