Судење на 13 полицајци за трагедијата во „Пулс“: Сослушани сведоци, прикажани видео-снимки

Со сослушување на сведоци и изведување на видео докази продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.

Сведокот Сара Стојановска сведочеше дека на кобната вечер била на концертот заедно со седум другарки.  Раскажуваше дека кога настанал пожарот и кога почнале да одат накај излезот настанало стампедо, се стркалала по скалите и паднала а врз неа почнале да паѓаат и други луѓе. Побарала помош од полициски службеник но тој ја одбил.

Сара Стојановска, сведок: Одзади многу туркаа, не си ги чувствувавме нозете по земја дека се движиме. Се изгубивме со другарките бидејќи настана многу голема гужва. Се стркалав по скали и паднав.  Врз мене имаше многу луѓе. Имаше мал отвор - ја ставив раката, мислејќи дека некој ќе може да ме види. Кога се разбудив, некој ме тресеше лево - десно и бев мокра цела по лицето. Побарав помош од полицаец но тој ми рече: „Како да ти помогнам, што да направам?“ Се тргна на страна.

Другиот сведок Борчо Јованчевски кажа дека ноќта во дискотеката бил со својата сопруга. Кога настанал пожарот се изгубиле со сопругата и додека ја барал низ луѓето им помагал на децата да се спасат. Ја идентификуваше и полицајката присутна во судницата за која рече дека ја видел како стои на страна.

Борчо Јованчевски, сведок: На едно девојче, додека се обидував да го спасам, му ја скршив ногата, но, барем остана живо. Внатре беше хаос. Додека траеше хаосот видов жена полицаец како си стои на страна. Не знам дали помагала пред или потоа. Кога ја видов, си стоеше.

Александар Наунов, татко на една од жртвите во пожарот во изјава за медиумите им се обрати на обвинетите и рече дека законот не познава изговори кога се работи за спасување на човечки животи.  

Александар Наунов, татко на Надица Наунова: Влегувате во дискотеката, а не реагирате на пиротехниката. Дали спречувањето на такви опасности е дел од вашите службени обврски? Ако е, тогаш зошто не постапивте? Потоа ги гледаме телефонските комуникации што Обвинителството ги презентира во судница. Тие ќе бидат предмет на судска оценка, но, отвораат сериозни прашања за односите меѓу дел од обвинетите вработени во МВР и сопственикот на „Пулс“. И затоа денес прашуваме: дали униформата служела за заштита на граѓаните или за удобност на привилегираните?

На видео доказите презентирани во судница се гледаше моментот кога настанал пожарот и како луѓето се обидувале да се спасат. Еден од адвокатите реагираше дека на ниту едно видео не се гледал некој од, сега обвинетите, полициски службеници. Според него, меѓу другото, не се гледало ни кој ја активира пиротехниката. Судењето за 13 полицајци продолжува на 15 јули.