СТУДИО 10: Сексуалното образование пред сѐ зборува за хуманите релации, а немањето информации поттикнува насилство
Кога почнаа разговорите за сексуалното образование пред десетина години, кога почнаа идеите за воведување Сеопфатно сексуално образование, немаше многу негативни реакции,но во меѓувреме темата како да се исполитизира и оттука се зголемија реакциите. Но целта е со сексуално образование да имаме поздрава и побезбедна младина.
- Ние како земја уште од 2012 година разговараме за ССО и сите релевантни институции беа вклучени, а од нив потекна декларацијата за воведување на ССО како начин за поздрава младина, вели Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА, во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Таа вели дека изминатите две години сме сведоци на пласирани манипулативни содржини за сексуалното образование преку кои се шири говор на омраза и стереотипи чии жртви се пред сѐ жените и малцинските групи. Божиноска вели дека стручните лица сѐ уште стојат на своите ставови кои се научно базирани.
-Сите сме гласни дека она што сме го договарале пред десет години треба да се спроведе, но точно е дека има трендови на негаторски влијанија од различни религиозни групи. Но, тоа не е карактеристика само за нашата земја, тоа го има во многу земји, вели Божиноска.
Ова то се случува во однос на оваа тема за ССО не е единствена тема за која општеството има потешкотија да се придвижи кон промена па дури и таа да е позитивна, коментира д-р Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, невропсихијатарка, психотерапевтка и директорка на институтот „Алтернатива“.
- Ми се чини дека ние сме само декларативно демократско општество. Имаме проблем со прифаќање на разликите. Ние како Институт застануваме цврсто зад оваа Декларација. Тоа што го нуди оваа Декларација и обидот да се внесе тоа во образованието е нешто што веќе постои, нешто со што ние секојдневно се соочуваме како проблем. Ова е образование кое треба да им понуди на младите на научен начин да ги осознаваат работите, вели д-р Славица Гајдаѕис Кнежевиќ за СТУДИО 10.
Здравствените индикатори кај младите поврзани со сексуалното здравје се поразителни, оттука и поддршката на гинеколозите за оваа Декларација и ССО.
- Немаме пораст на интересот кај младите за барање совети за планирање на семејството. Дури и кај возрасни пациентки се случува непланирана бременост. Системот се обидува да ги реши овие проблеми преку проекти. Но, здравјето на жената мора да се гледа холистички. Фокусот треба да се сврти кон младите, особено кога имаме тренд на одложување на раѓањето, вели д-р Ана Данева Маркова, специјалистка-гинеколог и професорка на Медицински факултет.
Македонија е на едно од последните места во користење на современи контрацептивни средства со опфат од само 14 отсто, а бројот на малолетнички раѓања и бракови се сѐ уште високи иако последниве години бележат благ пат.
Репродуктивното здравје опфаќа низа теми, меѓу другото и менталното здравје.
- Поврзано е она што се случува на физички план и во социјалната средина со менталното здравје. Сексуалното образование во многу општества се смета за чувствителна тема. Но, младите на кои се однесува се во чувствителен период кога им се случуваат промени како на физички така и на ментален план. Тие имаат потреба од поддршка и разбирање. И сексуалната ориентација како прашање е мултидимензионална, а младите бараат одговори, вели д-р Славица Гајдаѕис Кнежевиќ.
Таа додава дека кога ќе се појават прашања потребно е да се дадат одговори, а тие оодговори треба да бидат научно базирани. ССО пред сѐ зборува за хуманите релации, како младите да се разберат и да ги почитуваат разликите. Немањето информации поттикнува булинг во училиштата смета д-р Гајдаѕис Кнежевиќ.
- ССО има седум клучни компоненти, а една од тие компоненти е насилството. Ние живееме во општетво во кое насилството е сеприсутно, не само онлајн, а најзагрозени се младите на возраст од 15-18 години. Загрижувачки е и трендот на сексуалното вознемирување и насилство кај младите, појаснува Божиноста од ХЕРА.
Многу е застапена мизогинијата на интернет и тоа ги засега младите. ССО ги учи децата да го препознаат насилството, да препознаат токсична врска и контрола во односите и тоа се однесува и во живо и во онлајн просторот. Се поттикнува емпатијата со тоа што децата ќе научат да препознаат насилство не само кон себе туку и кон другите во околината, објаснува Божиноска и додава дека никој не сака неговото дете да расте во насилна средина.