Студентскиот субвенциониран оброк ќе продолжи да функционира по старите критериуми
Студентскиот субвенциониран оброк ќе продолжи да функционира по старите критериуми, а работни групи во кои ќе учествуваат универзитетските студентски собранија ќе треба да креираат системско решение на законот најдоцна до 15 март 2023 година.
Ова е епилогот од денешната средба на студентите во Собранието, на која покрај министерот за образование и наука учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, а по завршување на истата претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Славчо Темелковски, изјави дека студентите се задоволни од договореното.
Покрај за субвенциониран оброк студентите бараа и подобри услови во студентските домови, а министерот Шаќири по завршувањето на средбата изјави дека онаму каде состојбата е алармантна ќе се интервенира во најбрз можен рок, додека етапно ќе се работи и на подобрување на условите во сите студентски домови.
Денеска паралелно додека во собранието се преговараше, надвор студентите протестираа во однос на своите барања, но по денешните преговори, претседателот на универзитетското собрание на УКИМ, Славчо Темелковски, информираше и дека протести од утре нема да има, туку ќе се работи на реализација на договореното со надлежните институции.