Студентите обединети маршираат за итни и сериозни мерки за поголеми права и стандард

„Дали е ова 1939? Без образование нема држава!“ се само дел од транспарентите од денешниот студентски марш. Тие маршираа за да ги искажат своите барања и ставови јасно и гласно пред институциите. 

Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ обединето ги искажаа своите основни барања за проблемите со кои се соочуваат во 21 век-истакнуваат.

Денеска во Собранието се одржа средба на која присуствуваа Славчо Темелковски-претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, Виктор Велевски-директор на Студентскиот дом-Скопје како и пратеници- поводот за средбата беше изработка на акциски план за подобрување на условите во студентските домови.

Студентите не отстапуват од своите барања, барања за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование. Истакнуваат дека образованието е еден од главните столбови на една држава и треба да биде слушнат гласот на младите, затоа што до овој момент се лоцирани проблеми кои треба веднаш да се решат.