Струшки вечери на поезијата со 25 поети, лауреатот Таникава нема да дојде

Годинашното издание на Струшките вечери на поезијата ќе се одржи од 25 до 29 август, а ќе гостуваат повеќе од 25 странски поети, покрај домашните од сите генерации. Свеченото отворање ќе биде на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а затворањето е со традиционалното читање на Мостот на поезијата.

 
Добитникот на Златниот венец, 91-годишниот јапонски поет Шунтаро Таникава, нема да допатува во Струга поради поодмината возраст и здравствени ризици, па наградата во негово име ќе ја прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист. Тој ќе има специјален музички настап во „Св. Софија“ во Охрид, инспириран од стиховите на Таникава.
 

Специјален гостин на годинашното издание е лауреатот од 2020, израелскиот поет Амир Ор.

 

Во рамките на програмата предвидени се и меморијално чествување на Радован Павловски и вечер на хрватска женска поезија. Програмата на фестивалот целосно ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб канал на СВП.