Струмичките производители на „ајварка“ бараат државата да застане зад нив, министерот порачува дека пазарот ја одредува откупната цена
Незадоволни од понудените откупни цени, на стартот од новата откупна сезона на познатата црвена пиперка ајварка, струмичките земјоделци денес повторно излегоа на протест. Преку двочасовна блокада на патот Дабиле – Босилово пред крстосницата кај Робово, тие побараа итен состанок со министерот за земјоделие Борче Серафимовски.
Целта е, како што велат, да се најде трајно решение и да се постигнат фер, одржливи и перспективни откупни цени за црвената пиперка. Разочарани, но и гневни струмичките земјоделци тврдат дека моменталната откупна цена од 25 денари за килограм ајварка е понижувачка и не ги покрива производствените трошоци.
По мирниот протест, министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, пак присуствуваше во Струмица и оствари одделни средби со производителите на пиперка и со регистрираните откупувачи – трговци. Серафимовски уверува дека државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп, притоа да не дозволи трудот на земјоделците да остане незаштитен пред пазарната неизвесност.
МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ВОДОСТОПАНСТВО
„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман.“
Во текот на наредната недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои се очекува да разговара за планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.
Инаку, земјоделците од Струмичко бараат итно зголемување на откупните цени и истите да важат за целата откупна сезона без еднострано намалување или менување на условите во текот на откупот.

