Струмичани вода за пиење добиваат преку цистерни и канистери
Нема брзо решение за проблемот со загадената вода во Струмица. Од денес, струммичани можат да се снабдат со чиста вода за пиење преку 25 канистери кои се поставени на повеќе локации во градот и населените места, тврдат за 24 од Комуналното претпријатие.
Изворот на питка вода е населеното место Муртино, уверуваат од таму.
- Набавени се 25 канистри од по 1000 литри кои се поставени на повеќе локации во градот и населените места Дабиље, Добрејци, Просениково, Градско Балдовци, Водоча и Баница. Извор на питка вода е населеното место Муртино, докажана со секојдневни испитувања на водата кои одговараат на правилникот за безбедност на водата. - ЈКП “Комуналец“ - Струмица.
За децата во градинките и училиштата обезбедивме 30 апарати со потребно количество галони на вода, со цел децата да имат максимална безбедност на водата која ја користат за време на нивниот престој во образовните институции.
Струмица официјално е веќе петти ден без чиста вода за пиење, но неофицијално станува збор за подолг временски период, се жалат струмичани. Тие велат, и покрај редовните плаќања за услугите кон претпријатието, приморани се да купуваат флаширана вода од маркетите или сами да се снаоѓаат.
Од струмичкиот водовод, подружница на АД Водостопанство “Струмичко поле” причината за лошиот квалитет на водата ја гледаат во неповолните хидролошки услови и сушното лето.
Откако во петокот “Комуналец” соопшти дека анализите на Центарот за јавно здравје покажаа дека водата содржи недозволени количини манган и бактерии, поради што не е исправна за пиење, водата од водоводната мрежа ја забрани за пиење и готвење и Агенцијата за храна и ветеринарство, а до денес нема некои поголеми промени во резултатите на квалитетот на водата во Струмица.