Струмичани ќе можат да селектираат отпад, треба да се јават во Комуналец

По Валандово и општина Струмица се вклучува во проектот „Селектирај отпад“ со кој струмичани од Комуналец ќе добиваат ќеси за пластика и хартија за да вршат примарна селекција на отпадот. Комуналното еднаш неделно ќе го собира селектираниот отпад од нивните домови откако граѓаните на Струмица преку мобилна апликација ќе пријавуваат дека кесите им се полни.

Струмичани ја поздравија идејата да се селектира отпад, но не се сигурни како ќе се реализира целиот процес.

Струмички Комуналец преговара со повеќе економски оператори кои хартијата и пластиката ја користат како суровина. Селектираниот отпад веднаш ќе се транспортира кај нив и нема да завршува на депонијата Шапкар кај Добрашиници.

Според информациите четирите домакинства кои ќе селектират најмногу пластика, лименки и хартија која може да се употребува ќе добијат и парични награди како мотивација што поголем број граѓани се вклучат во овој процес.

Во Валандово овој проект фунцкионира половина година. Таму досега од домакинствата и фирмите се собрани над три тона пластика и хартија која може да се употреби а целиот процес го реализираат преку мобилната апликација Селектирај отпад на младиот Марио Томов за што доби награда и од Фондот за иновации.