Струмица е пред еколошка катастрофа, водата и понатаму не е за пиење
Еколошка катастрофа и се заканува на Струмица доколку во најскоро време не се реши проблемот со водата за пиење.
Постои опасност по здравјето на граѓаните и на сила се вонредни мерки, но потребно е да не се политизира процесот, побара градоначалникот Костадинов на денешната седница на Советот на Општината, на која се дискутираше за проблемот со снадбување со питка вода, а која веќе неколку денови е забранета за пиење поради присуство на поголемо количество манган.
На вонредната седница на Советот на општината стана збор и за долгот кон АД “Водостопанство”, а советниците дискутираа и за цената на водата за која Костадинов вчера предложи да се намали на седум денари додека не се реши проблемот.
На денешната седница беше донесена одлука за намалување на цената на водата, односно граѓаните од овој месец ќе плаќаат само техничка вода и тоа ќе важи до повторното обезбедување на чиста вода за пиење.
Инаку, забраната дојде откако испитувањата на водата од струмичкиот водовод покажаа големи количини манган и бактерии.