Струга – изборен мегдан за партиски игри, кој со кого коалицира и со каков мотив
Темни договори, гуми за спасување и етнички пазари – во костец за глас повеќе, владеачките и опозициските партии од македонскиот и албански блок, разменуваат обвинувања за тајни предизборни договори. Во владејачката ВЛЕН препознаваат тивка коалција меѓу ДУИ и Левица за градоначалничкото место во Струга.
ВЛЕН: Сценариото е јасно: Мојсовска влегува како „изненадувачки“ кандидат во Струга, со мисија да ги собере гласовите на македонскиот блок наводно за да ја спречи победата во првиот круг на кандидатот поддржан од ВЛЕН, Менди Ќира. Ова е срамен план, оркестриран од Љога и ДУИ, кои отворено соработуваат со политички сили кои ги граделе своите кариери врз албанофобија.
Премиерот Мицкоски претходно ја оцени кандидатурата на Јована Мојсоска како „гума за спасување„ на ДУИ и им порача на Левица наместо во Струга, Гостивар и Тетово да предложат свои кандидати во Штип и Велес, каде според него, тие би имале пореалистични шанси изборно да добијат. Од Левица пак одговорија дека Мицкоски практично ги избришал овие три општини од мапата на Македонија.
Левица: Премиер на држава повторува дека македонски кандидат не може да победи во Тетово, Гостивар и Струга. Македонија не е партиски или етнички пазар за размена на општини и функции. Тетово, Гостивар и Струга се исто толку Македонија колку и Скопје, Велес и Штип.
Реагираа и од ДУИ – овие обвинувања биле „имагинарни сценарија„.
Предизборно, и Струга влегува во листата на општини каде ќе се водат меѓупартиски мегдани. Засега ВРЕДИ, ДУИ и Левица номинираа свои кандидати, а веќе се најавени и независни кандидатури.

