Стравотна сообраќајка кај Солун: 4 загинати и најмалку 50 повредени
Четири луѓе загинаа и повеќе од 50 се повредени меѓу кои и две деца на возраст од шест и девет години во тешката сообраќајна несреќа што се случила утрово на главниот пат помеѓу Евзони и Солун во близина на македонската граница, при судир на туристички автобус од Србија со две возила.
Според првичните информации причината за несреќата била бидејки возачот на авомобилот заспал и удрил во автобусот. Грчката државна телевизија ЕРТ информира дека постоел директен судир на двокатен туристички автобус со 78 туристи од Србија со автомобил. По директниот судир, автобусот се превртел, а во сообраќајката бил вклучен и втор автомобил, најверојатно со српски регистарски ознаки, кој удрил во возилото, но жената и детето кои биле во возилото не се повредени.
Македонски државјанин за српски „Телеграф“ изјавил дека на местото пристигнал кратко откако се случила несреќата, а глетката била страшна.
- Беше страшно, сè уште сум во шок. Едното возило беше на средината на патот, целото згмечено, а од него преку хаубата висеа две тела, најверојатно возачот и совозачот. Патниците од српскиот автобус не можеа да излезат сè до доаѓањето на Итната помош. Тие со автобусот беа во ендек, но не премногу длабок. - вели македонски државјанин.
Повредените се здобиле со различни повреди. На лице место им била укажана итна медицинска помош, по што биле префрлени во болници. Автобусот утрово тргнал од Белград, а патниците се од повеќе градови во Војводина и централна Србија. Сопственикот на српската туристичка агенција, изјавил дека испратиле уште еден автобус за да ги згрижи останатите патници кои не се повредени.
- Автомобилот преминал во лентата на автобусот. Тоа што е најважно е дека повеќето од патниците се полесно повредени. Наши колеги се упатија веднаш за Грција. Тоа што знаеме е дека полесно повредените се во Поликастро, додека пак потешко повредените во Солун. - вели Бојан Милосављевиќ сопственик на туристичка агенција.
По сообраќајната несреќа автопатот од границата со Македонија беше затворен за сообраќај и во двата правци, а возилата се пренасочуваа кон стариот пат.